Информативен настан „Енергетска ефикасност во градежништвото – Зелена градба“

Македонскиот совет за зелена градба, во соработка со Бизнис Центарот на Скопски Плански Регион и Сојузот на Стопански Комори на Македонија, а со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обeдинети нации (UNDP), учествуваше на информативен настан на тема   „Енергетска ефикасност во градежништвото – Зелена градба“. Целта на настанот беше компаниите членки на градежната комора при сојузот на стопански комори, во соработка со општините од скопскиот плански регион и надлежните институции заедно да придонесат за промоција и поголема примена на принципите на зелената градба во градежништвото.

Претседателот на Македонскиот совет за зелена градба, г. Сеад Кочан напомена дека целта на Светскиот совет за зелена градба е да создаде глобална заедница на лидери во зелена градба, управувани на национално ниво, кои преку заедничко делување ќе имаат поголем кредибилитет, подобар пристап до ресурси, а со тоа и поголемо влијание во трансформација на градежниот сектор кон поголема одржливост. „Преку контактите со светските лидери на ова поле, се отвора можност за споделување и размена на идеи и ресурси со регионалните и светските мрежи за зелена градба. Така ќе имаме уникатна можност во пренесување на најсовремени искуства во нашата земја, во одржување на стручни обуки, семинари, се со цел да се рашири зеленото делување, кое е светски тренд. Исто така, ќе имаме можност и за учество и делување во проекти на глобално ниво“.

Трошоците при зелена градба се само од 1 до 5 % повисоки и корисникот на станбениот или деловниот простор преку заштедите кои ќе ги оствари, ги враќа овие средства во првата година, рече Митко Алексов, извршен директор на  Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). Тој додаде дека при примената на принципите за зелена градба, се постигнува заштеда на електрична енергија до 30%, додека на вода до 40%, на годишно ниво.

Заменик министерот за животна средина и просторно плaнирање, Стево Темелковски укажа на важноста на секторот Градежништво во создавање на здрави, одржливи простори во урбани средини како резултат на економски здрава инвестиција, општествено одговорно управување усогласено со принципите на одржливиот развој.