РАКОВОДСТВО

slika S. Kocan

Чест и задоволство ми е да Ве информирам дека на иницијатива на компанијата ТРАНСМЕТ ДОО од Скопје, во 2014 година е формиран Македонскиот Совет за Зелена Градба, основан како непрофитна организација со цел да ги обедини сите релеванти фактори, институции, експерти, здруженија на граѓани од областа на заштита на животната средина, енергетска ефикасност како и поттикнување зелена градба во Република Македонија.
Зелената градба е од суштинско значење и е единствениот начин да бидеме одговорни кон идните генерации. Глобалното затоплување и климатските промени се опасности на новото време, а емисиите на јаглерод диоксид во воздухот постојано се зголемуваат. Тоа е последица во најголем дел од индустриските капацитети, транспортниот сектор, како и градежништвото. Клучната улога на Македонскиот Совет за Зелена Градба, е да се подигне свеста со крајна цел намалување на загадувањето на животната средина предизвикано од градежниот сектор. Сето тоа можеме заедно да го постигнеме, со поддршка на владини мерки и стимулации за градежната индустрија со цел да работиме кон поголема одржливост на животната средина. На тој начин ќе се поттикне и индустријата и останатите сектори да соработуваат со нас, за да се намали влијанието врз животната средина.

Создавањето на здрави, одржливи простори во урбани средини претставува во исто време економски здрава инвестиција, општествено одговорно управување и е во складсо принципите на одржлив развој на градовите.Поточно, градбата која е одржлива, еколошка, која заштедува енергија и ја заштитува животната средина, се нарекува зелена градба.

Македонскиот Совет за Зелена Градбаги спроведува своите активности и веруваме дека зградите и населбите кои се еколошки дизајнирани и изградени ни овозможуваат да живееме и работиме во поздрава средина, а тоа значи и здрав живот. За таа цел во следниот период ќе организираме образовни програми, ќе развиваме пилот проекти со Владата на Република Македонија и Универзитетите за да лобираме и да ја зголемиме јавната свест за потребата на зелена градба. Од друга страна пак, ќе ја поттикнуваме и охрабруваме градежната индустрија да ги развие принципите на одржливост, да избере енергетски ефикасни производи и услуги во своето деловно работење.

Покрај ова, Македонскиот совет за зелена градба ќе ја води својата мисија и преку електронска комуникација. Нашата веб-страна  е одлична платформа да се споделат знаења, да се разменат идеи и искуства со целиот свет и да ја прошириме иницијативата за зелена градба во Република Македонија. Заедно да ја направиме оваа планета позелена и подобро место за живеење.

Одржливост на градбата, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, ќе генерира оджлив раст во градежниот сектор, креирање работни места, зголемување на енергетската сигурност како и намалување на сиромаштијата, бидејќи увозот на нафта и гас во Европа чини стотици милијарди евра секоја година. Исто така ќе се подобрува испораката на јавните услуги, а финансиските придобивки од зелена градба ја зголемуваат можноста  за продажба и закуп, помагаат да се намалат капиталните расходи како и намалување на ризикот од прописите кои бараат скапи модификации на објекти.

Законодавство на Република Македонија е генерално во согласност со меѓународните стандарди и често се рангира позитивно во глобалните истражувања. Според Светска банка Македонија е рангирана како 25. најдобра земја во светот за бизнис. Македонија го продолжува патот кон економскиот развој и создавање на поволен економски амбиент со својата долгорочна макроекономска стабилност и ниска инфлација. Сепак, загриженоста во врска со енергетската ефикасност и животната средина остануваат.Македонскиот совет за зелена градба ќе има влијание врз енергетската ефикасност и заштитата на животната средина преку подигање на свеста, едукација и развој на нови политики.

Го предводиме преодот на пазарот со недвижности кон одржливост и заштита на животната средина и преку тоа кон подобар живот за сите луѓе во Република Македонија.

Сеад Кочан, Претседател,

Македонски Совет за Зелена Градба