ДЕФИНИЦИЈА НА ЗЕЛЕНАТА ГРАДБА

Зелена градба се однесува на еден сеопфатен, холистички процес на проектирање, одржување, употреба и управување со градбите, врз основа на принципот на одржливост. Меѓународните сертификати, при оценувањето на степенот на „зеленост“ на градбите, разгледуваат исклучително голем број на аспекти: од ефикасно користење на градежно земјиште, отстранување на градежниот отпад, рециклирање на материјалите, поврзаност со соседството и достапни услуги на корисниците – особено транспорт. Исто така, со сертификацијата се следат начинот и количината, односно ефикасноста на потрошувачката на вода, решенија поврзани со пејзажот и амбиентот на ентериерот, изборот и употребата на еколошки материјали, емисиите на стакленички гасови од градбата, енергетската ефикасност, искористувањето на обновливите извори на енергија, севкупно, функционалноста на објектот во текот на целиот животен циклус.

Заштедатa на енергија во процесот на проектирање на зградата, како и при користењето го претставува можеби најголемиот потенцијал за намалување на емисиите на јаглероден двооксид и заштеда на финансии, но градбите што одат еден чекор понатаму кон одржливост и зелена градба, врз основа на критериумите утврдени со меѓународни сертификати, убедливо привлекуваат поквалитетни клиенти, имаат поголема достапност, поздрави се и поудобни за корисниците. А сето тоа, директно влијае на вредноста на самиот објект.

И покрај сите потенцијални придобивки на зелена градба, како и директивте кои ја регулираат оваа област, се поставува прашањето за одговорноста на националните влади и локалните власти да понудат стимулации за инвеститорите претприемачите да градат зелени градби. Европската практика покажува дека улогата на Владата најчесто се манифестира преку различни форми на даночно олеснување и слични стимуланси за намалување или укинување на општинските придонеси, но и натаму е очигледно дека токму инвеститорите во комерцијални објекти се предводници на зелената градба – дали поради нивното чувство на општествена одговорност и одговорност кон животната средина, поради признавањето на корпоративната социјална одговорност, или фактот дека зелената градба всушност постигнува подобри резултати за сите – инвеститори, клиенти, општество, прашањето останува отворено. Но, едно нешто е несомненo, објектот што носи меѓународно признаен сертификат за зелена градба, навистина постигнува повисоки продажни цени и подобри услови при давање под закуп, поквалитетна е, и подолготрајна, и дефинитивно ужива подобар углед на пазарот на недвижности!